Истражување 07 Feb 13

Враќањето дома е соочување со минатото

Години по босанскиот конфликт, бегалците кои се вратија во своите домови сè уште се наоѓаат заробени меѓу војната и мирот и сè уште ги чувствуваат катастрофалните последици на етничките поделби.

Денис Џидиќ
БИРН
Сараево

Од денот кога се вратил во Приjедор, по осум години откако како тинејџер побегнал од војната, Судбин Мусиќ тешко заспива.

„Се сеќавам на првата ноќ кога се вратив. Спиев со едното око отворено“, вели тој.

„Никогаш нема да ја заборавам таа ноќ. Се вратив на местото каде што преживеавме масакр. Беше ужасно. Седевме и чекавме кој прв ќе заплаче. А таа ноќ, признавам, сите плачеа“.

Мусиќ, кој сега има 38 години, е само еден од над два милиона луѓе кои, во периодот од 1992 и 1995 година за време на босанскиот конфликт, ги напуштија своите домови.

Кога силите на босанските Срби го нападнале селото Чараково, што се наоѓа во близина на Приједор, ги запалиле повеќето куќи. Мусиќ и неговото семејство биле уапсени и одведени во озлогласениот логор Трнопоље. Нивниот дом бил уништен.

Тој побегнал во Словачка, а потоа неколку години живеел во Германија. Во 2000 година решил заедно со својата мајка и двете сестри да се врати во Приједор.

Мусиќ вели дека имал „огромна желба“ да им се врати на корените. Но, неговиот брат одбил да дојде, бидејќи не можел да го заборави минатото и се преселил во САД.

Од Приједор во 1992 година, протерани биле повеќе од 55.000 лица од несрпска националност, вели Мусиќ. Во неговото село Чараково, во кое во 1992 година живееле 2417 Бошњаци, по војната се вратиле помалку од 20 проценти.

Непосредно пред војната, во прво одделение во основното училиште во Чараково, биле запишани 80 ученици. Оваа година запишано е само едно дете.

„Ова е последна фаза од етничкото чистење“, смета Мусиќ, кој потенцира дека властите ги напуштиле повратниците и ги оставиле сами да ги обноват своите животи.

„Повратниците се најголемите херои на нашето време, а никој не се грижи за нив. Ние сме единствените кои нудат поврзување меѓу етничките групи. Ние ги уриваме бариерите и ние всушност се соочуваме со минатото, со воените злосторства“, рече тој.

Според Центарот за студии за бегалци и внатрешно раселени лица од Сараево, од 2,2 милиони луѓе кои за време на војната ги напуштиле своите домови, 1,3 милиони трајно се раселени низ светот.

За да можат повратниците да просперираат, Босна мора да изгради ново општество, во кое ќе се случи помирување меѓу нејзините различни етнички групи и помирување со минатото, вели босанскиот експерт за транзициска правда, Горан Симиќ.

„По нашите улици одат стотици илјади луѓе кои имаат трауми, а државата не прави ништо за да им помогне. Кога на овој начин го гледате проблемот, тешко е да се замисли создавање на добра иднина, изградена врз вакво минато и ваква сегашност“, вели тој.

Но, вистинско помирување може да има само доколку луѓето се соочат со злосторствата што ги извршиле нивните сопствени етнички групи, смета Симиќ.

„Живееме во состојба на војна. Можеби сме сопреле со пукањето, но постојат други видови на војна“, рече тој.

Илјада воени злосторства кои не се процесирани

Во декември 2012 година, Советот на министри на Босна и Херцеговина, побара од парламентот да усвои нов закон за бегалци, повратници и внатрешно раселени лица, со кој на секој оној кој избегал за време на конфликтот, ќе му се овозможи или да се врати во својот дом од пред војната или да избере друго место во БиХ во кое ќе живее.

Беа направени напори и за подобрување на животните услови на повратниците. Во ноември, Федерацијата БиХ, бошњачко-хрватски ентитет, одлучи да даде речиси пет милиони евра за проекти од областа на земјоделството и малите бизниси, а со цел да им помогне на повратниците во Република Српска, ентитет претежно населен со српско население.

БиХ, Хрватска, Црна Гора и Србија, минатата година на донаторската конференција во Сараево, добија околу 300.000.000 € што ќе бидат искористени за решавање на станбеното прашање на 27.000 бегалски семејства во БиХ, Хрватска и Србија.

Но, иако во последните години ситуацијата за повратниците е нешто подобрена, многумина, кои живеат во заедниците каде што доминира друга етничка група, се и натаму без работа, вели Селма Поробиќ, директор на Центарот за студии за бегалци и внатрешно раселени лица.

„Враќањето на протераните од периодот 1992-1995 година, е клучен процес за развојот на мирот во нашата држава, но и нејзиниот вкупен просперитет“, смета Поробиќ.

Многумина не се вратија поради доминантната етничка политика, сегрегацијата и невработеноста кои го направија животот неодржлив, но Поробиќ верува дека ситуацијата би можела да се подобри доколку бидат процесирани повеќе сторители на воени злосторства.

„Во спротивно, последиците од војната и натаму ќе бидат присутни во секојдневниот живот на сите босански граѓани, особено на повратниците“, рече таа.

Не земајќи ги предвид судските процеси што се водат во Хашкиот трибунал, во БиХ сѐ уште има повеќе од 1.000 отворени истраги за воени злосторства извршени во конфликтот од 90-тите.

Александра Летиќ од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Српска, тврди дека овие случаи мора да се решат.

„Недостатокот на визија за соочување со минатото и одбивањето да се оди подалеку од политиката што се водеше во воено време, е јасен товар на процесот на враќање, особено за помалите заедници. Неказнувањето и прифаќањето на воените злосторници е силна порака дека воените идеологии не се заборавени“, изјави Летиќ.

Забрана за јавно тагување

Мирсад Дуратовиќ е уште едно лице кое решило да се врати во Република Српска, а кое ги преживеало логорите во Приедор. Денес тој е претседател на здружението на поранешниот логорски затворениците од Приедор.

Дуратовиќ вели дека и покрај проценките дека во овој град, во кој доминира српското население, се вратиле 25.000 Бошњаци, реалната бројка е речиси 10.000, односно само една петтина од бројот на Бошњаци пред војната. Повратниците, за нивните основни потреби, често се потпираат на организации каква што е неговата.

„Нашето здружение стана здружение за социјални услуги. За се што им треба на повратниците, тие  доаѓаат кај нас. И кога им треба помош со огревно дрво, и лекарства, и да закажат преглед кај лекар“, вели тој.

Дуратовиќ потенцира дека на повратниците во Приедор им е нанесена дополнителна болка, бидејќи не им е дозволено јавно да тагуваат по бошњачките жртви убиени во војната.

Имено, во мај минатата година, градоначалникот на Приедор, Марко Павиќ, забрани јавен собир на семејствата на жртвите кои сакаа да ја одбележат смртта на Бошњаците и Хрватите, со образложение дека еден ваков настан „ќе ја поткопа репутацијата на градот“. Павиќ се спротивстави на описот на убиствата кои беа окарактеризирани како геноцид.

Поробиќ тврди дека заради ваквата ситуацијата, некои бошњачки повратници во Приедор повторно емигрирале.

„Во овој дел на Босна, опструкциите за одржливо враќање се видливи во неколку сектори, како што е неможноста од вработување или вршење на политички притисоци, па до забрана повратниците да ги одбележат злосторства против ова население извршени за време на војната“, вели таа.

Училишта без деца, домови без луѓе

Друг град во Република Српска, во кој за време на војната се случиле ужасни насилства и протерување на цивилите, е Братунац кој се наоѓа во источна Босна, во близина на Сребреница и српската граница.

Во 1991 година, во општина Братунац имало повеќе од 30.000 жители. Две третини од нив биле Бошњаци. Но, во април 1992 година, силите на босанските Срби окупирале многу области и извршиле егзодус, по што Србите станале доминантно мнозинство во градот.

Ќазим Јусуповиќ, во војната бегалец, а сега повратник, вели дека процесирањето на воените  злосторства може да послужи како начин луѓето да се убедат да се вратат во своите домови.

„Оваа година имавме апсења за воени злосторства извршени во Братунац и тоа им даде сила на  повратниците. Тие почнаа да веруваат дека правдата е достижна. Сепак, присутен е постојан страв“, вели Јусуповиќ, претседател на организацијата за одржливо враќање во Братунац.

Но, бидејќи во градската администрација претежно е вработено српско население, повратниците Бошњаци понекогаш се чувствуваат немоќни и маргинализирани, вели тој.

„Повеќето проблеми се јавуваат поради фактот што во структурите на општинската власт нема Бошњаци. Собранието на општина Братунац ја укина комисијата за враќање, иако имаме уште многу барања за обновување на куќите“, изјави Јусуповиќ.

Стојанка Тешиќ, активист од форумот на жени од Братунац, кои даваат правна помош на повратниците, вели дека во споредба со другите области во Република Српска, градот успеал да привлече релативно голем број повратници, „без оглед на сиромаштијата и воените случувања“ .

Но, се додека не се справиме со военото наследство, нема да има етничка реинтеграција, верува Тешиќ.

„Секоја етничка група има свои искуства и сѐ уште има трауми и чувствува тага, кои сите ние ги држиме во нас. Сѐ уште не сме почнале заедно да тагуваме и заедно да бидеме среќни“, вели таа.

Судбин Мусиќ потенцира дека многумина од повратниците и натаму комуницираат само со луѓе од својата етничка група.

„Ние, Бошњаците во Република Српска, живееме во резервати. Со истиот проблем се соочуваат и Србите во Федерацијата“, вели тој.

Иако Мусиќ решил да се врати и да се соочи со минатото, тој стравува дека, доколку не биде постигнат напредок, другите нема да се вратат. На тој начин, некои заедници трајно ќе бидат заробени меѓу војната и мирот.

„Денес имаме џамии без верници кои во нив се молат. Имаме училишта без деца. Имаме празни домови“, заклучува Мусиќ.

This article is Premium Content. In order to gain access to it, please login to your account below if you are already a Premium Subscriber, or subscribe to one of our Premium Content packages.

Buy Premium Subscription

Our Premium Service gives you full access to all content published on BalkanInsight.com, including analyses, investigations, comments, interviews and more. Choose your subscription today and get unparalleled in-depth coverage of the Western Balkans.

Buy Premium Subscription

If you have trouble logging in or any other questions regarding you account, please contact us

Talk about it!

blog comments powered by Disqus

Subscribe to Our Newsletter