Сведок на обвинителството изјави дека обвинетата за воени злосторства Моника Каран-Илиќ, му ја исекла раката со скршено шише, додека го држеле во логорот Лука во Брчко.
Сведочејќи пред Основниот суд на Дистриктот Брчко, сведокот Марко Маргиќ изјави дека во логорот Лука бил доведен на 11 јуни, 1992 година и дека откако одбил да ги извршува задолжителните работни активности, од хангарот, каде што затворениците биле чувани, бил одведен во една блиска канцеларија.
„Моника седеше во канцеларијата. Имаше скршено шише во раката. Почна да ги сече моите раце со неа, но не ми направи исеченици. Ми се чинеше дека беше пијана“, изјави Маргиќ.
Сведокот Рамиза Фетаховиќ пред судот изјави дека во логорот Лука била одведена од болницата во Брчко, каде работела како медицинска сестра. Таа изјави дека обвинетата малтретирала еден од затворениците, кого го нарекувале Адо.
„Моника стоеше над него и го удираше по дланките со скршено шише, додека тој лежеше на подот. Подоцна еден од војниците донесе сол и му ја истурија врз рацете. Адо врескаше, а тие се смееја“, рече Фетаховиќ.
Обвинението, кое содржи осум точки, ја терети Моника Каран-Илиќ, босанска Србинка, за мачење, за нехумано однесување и ментално злоупотреба на Бошњаците во концентрациониот логор Лука и во полициската станица во Брчко, од почетокот на мај до 10 јули 1992 година.
Сабахудин Исламовиќ сведочеше дека тој често ја гледал Каран-Илиќ за време на неговиот двомесечен затворски престој.
„Другите затвореници ми кажаа дека таа прави сешто. Понекогаш ќе влезеше во хангарот, каде што бевме и ќе не проколнеше“, рече Исламовиќ.
Според Исламовиќ, еден од затворениците, Амир Дидиќ, бил тепан повеќе од кој било друг, дури до тој степен што било „речиси невозможно да се препознае неговото лице“.
„Моника еднаш дојде во хангарот, го клоцани сунѓерот со кој беше покриен Амир и го праша: „Како тоа да си сè уште жив“, изјави Исламовиќ, додавајќи дека сите затвореници биле малтретирани и злоупотребувани во канцелариите во близина на хангарот.
Сведокот Шефик Хасановиќ потврди дека Амир Дидиќ бил тепан повеќе од кој било друг и дека тој им рекол дека обвинетата, но и другите војници го удирале.
„Тој еднаш дури и ги замоли другите затвореници да му помогнат да се самоубие, бидејќи повеќе не можеше да ја издржи болката“, изјави сведокот.
Тој нагласи дека Каран-Илиќ еднаш влегла во хангарот, држејќи револвер и торба и им рекла да извадат се што имаат во нивните џебови, велејќи дека „тоа не е грабеж, туку донација за српската армија“.
„Ги зеде сите мои документи. Особено бев тажен, бидејќи таа ја искина сликата на мојата ќерка, велејќи дека повеќе нема да ми биде потребна“, рече Хасановиќ.
Судскиот процес продолжува на 3 септември.