Вести 04 Jul 12

Сведоштво на преживеан од масакрот во Пандурица

Сведок на обвинителството, пред судот раскажа како успеал да ја преживее егзекуцијата на 14 Бошњаци, во близина на селото Пандурица во источна Босна, во Мај 1992 година.

Justice Report
БИРН
Сараево

Заштитениот сведок А, кој живеел во селото Поточани, во близина на Зворник, изјави дека на 10 мај 1992, заедно со татко му и едно друго лице, бил заробен од страна на војниците на војската на босанските Срби.

Со уште 13 лица биле одведени на локација во близина на селото Пандурица. Меѓу војниците кои ги придружувале бил и обвинетиот Слободан Грујиќ, изјави сведокот.

„Околу 500 метри пред Пандурица еден војник ни пријде и рече: ‘Понатаму не ги носете’. Тогаш војникот застанаа зад нас и отвори оган врз нас. Се фрлив од патот, а другите почнаа да трчаат. Слушнав кога некој рече: Раштркајте се, немојте да ви избегаат“, рече сведокот А.

Тој изјави дека слушнал кога војниците ги броеле мртвите, по што некој праша за него.

„Го свртев лицето надолу кон земјата, врзан. Ги затворив очите и престанав да дишам, преправајќи се дека сум мртов. Еден од нив ми пријде и ги стави прстите на мојот врат, за да го почувствува мојот пулс. Се качи на патот и рече: ‘Сè уште е жив, убијте го’. Се истркалав надолу по падината. Слушнав истрели“,  изјави сведокот, додавајќи дека успеал да стигне до еден канал.

Слободан Грујиќ, поранешен припадник на војската на Република Српска е обвинет за учество, заедно со уште неколку други лица, во апсењето и убиството на десет бошњачки цивили во Зворник на 10 мај, 1992 година.

Заштитениот сведок А рече дека одејќи преку каналот тој ги слушнал војниците кои биле во потрага по него и кои пукале. Успеал да се сокрие во една грмушка, а од таму, следниот ден успеал да стигне до населбата Калесија.

Тој потенцира дека пред убиството, тој прво бил однесен во една куќа, каде видел повеќе затворени лица кои веќе ги познавал, како и војници, меѓу кои и  обвинетиот Грујиќ.

„Еден непознат војник ја стави пушката на мојата слепоочница и ме испрашуваше. Во еден момент донесоа уште една група луѓе, тие беа врзани. Меѓу нив беше и едно десетгодишно момче. Тие се заканија дека ќе го убијат неговиот татко“, рече сведокот.

Тој нагласи дека е единствениот преживеан на егзекуцијата во Пандурица.

На прашање на Судскиот совет дали тој го видел обвинетиот Грујиќ дека учествува во пукањето, сведокот рече дека тој не го видел.

Судењето ќе продолжи на 11 јули.

blog comments powered by Disqus