Вести 07 Jun 12

Потврдена пресудата за Саша Баричанин

Апелацискиот совет на државниот суд на БиХ, ја одби жалбата на обвинителството и на одбраната, и ја потврди првостепената пресуда со која Саша Баричанин е осуден на 18 години затвор за злосторства извршени во Сараево.

Денис Џидиќ
БИРН
Сараево

Баричанин во ноември 2011 година, беше прогласен за виновен за учество во убиството на тројца членови на семејството Балвановиќ и повеќекратно силување на женско лице во сараевската населба Грбавица, во 1992 година.

Освен за силување и убиство, Баричанин, поранешен член на паравоени групи, беше прогласен за виновен и за држење на едно лице во ропство.

На оваа пресуда,  во март оваа година, жалба поднесоа и државното обвинителство и одбраната. Обвинителот Бехаија Крљиќ побара заради „особено отежнувачките околности“, Баричанин да биде осуден на најмалку 20 години затвор, додека бранителот Душко Томиќ побара обновување на судскиот процес.

„Првостепениот совет изрази висок степен на нетолеранција и презир кон мојот клиент“, изјави тогаш Томиќ.

Апелацискиот совет на Судот на БиХ, и двете жалби ги отфрли како неосновани.

Во казната затвор, на Баричанин ќе му биде пресметано и времето поминато во притвор, каде се наоѓа од февруари минатата година.

blog comments powered by Disqus