Меѓународната комисија за исчезнати лица, ИКМП, се сретна со босанските власти со кои разговараа за начините на кои нивната мисија ќе биде завршена сега кога 70 проценти од исчезнатите лица се успешно идентификувани.
Шефот на ИКМП, Томас Милер, во Сараево се сретна со босанскиот премиер Вјекослав Беванда, со кого разговараше за последните успеси на мисијата и начини на кои таа ќе биде приведена кон својот крај, сега кога 70 отсто од работата на Комисијата, која почна да работи во 1996 година, е завршена.
Милер, поранешен амбасадор на САД во Босна и Херцеговина, по состанокот кој се одржа во средата, на прес-конференција изјави дека во процесот на идентификација на жртвите, ИКМП тесно соработувала со семејствата на исчезнатите лица.
„Многу сум горд на мисијата на ИКМП“, изјави Милер и додаде „тоа е прашање на човечност... да се допре до семејствата кои ги загубиле своите најблиски ... а прашањето за етничката припадност, тука е ирелевантно“.
Босанскиот премиер Беванда соопшти дека во процесот на преземање на одговорностите од ИКМП, по завршувањето на нивниот мандат во БиХ, се ангажирани релевантни владини министерства кои треба да подготват теренот за тоа.
„БиХ веќе не е приоритет и не е во фокусот на ИКМП, која се сели во други региони, бидејќи најголемиот дел од нејзината работа тука е завршен “, изјави Беванда.
„Разговаравме за начините на продолжување на нивната работа тука“, истакна тој, додавајќи дека „БиХ има обврска да стори сè што може за да им помогне на семејствата на жртвите, да ја дознаат вистината за нивните сакани“.
ИКМП е основана на иницијатива на поранешниот американски претседател Клинтон во 1996 година, а нејзина основна улога е да обезбеди соработка со владите, во лоцирање и идентификација на оние кои исчезнале за време на вооружен конфликт или како резултат на кршење на човековите права.
Според бројките на ИКМП, на крајот на конфликтите во поранешна Југославија, како исчезнати, односно со претпоставка дека се мртви, се водат 40.000 лица.
Се проценува дека 30.000 лица исчезнале за време на војната во БиХ, 5.500 исчезнале за време на војната во Хрватска, 4.400 за време на косовскиот конфликт и 23 лица исчезнале за време на кризата во Македонија во 2001 година.
Бројот на оние кои се водат за исчезнати во регионот, денес е околу 14.000.
Од нив околу 10.000 жртви на војната во БиХ, 2000 жртви од хрватската војна, 900 во конфликтот на Косово и 13 во Македонија.
ИКМП има развиено база на податоци на роднините на исчезнатите лица, а повеќе од 36.000 примероци од коски се земени од останките ископани од тајни гробници, во земјите од поранешна Југославија.